Додека не добиеме еретички субјекти на нашата цивилна јавност кои што се отпадници и од својот сопствен табор и влегуваат во судир на ставови, ние не можеме да имаме автентична расправа во цивилниот сектор
Самата формулација „политички дијалог“ и начинот на кој што таа се користи во нашата јавност, за мене претставува еден магловит поим, еден вид на флоскула зад која што никогаш до крај не ни е јасно што се крие. Но, толкувајќи го она што го слушаме, гледаме во јавноста, заклучуваме дека постојано се реферира на дијалогот меѓу големите политички партии. За разлика од ваквата перспектива на нештата, јас сакам да се фокусирам на дијалогот во најширока смисла на зборот, значи како јавност во која што е вклучен и невладиниот сектор, но не мора нужно тоа да се организации, туку и активисти, интелектуалци, професори, уметници итн., сето она што ја чини јавноста - јавност.
Сметам дека, за да се воспостави некој вид на коректив во поглед на она што претставува политички дијалог меѓу партиите, потребно е подигање на нивото на квалитетот на расправа внатре во цивилниот сектор, но тоа е невозможно доколку ние се дефинираме себеси наспроти политичките партии и доколку ги детерминираме нашите позиции однапред, како позиции кои што припаѓаат на едната или на другата политичка група, табор, блок или партија. Значи, се додека перцепцијата на она што се одвива како расправа во цивилниот сектор е детерминирана од таа претпоставка дека ние сме рефлексија на тоа што се случува како расправа меѓу политичките партии, нема да имаме квалитетна јавност која што автентично води расправа.
Цивилното општество допушти да се дефинира себеси по пат на таа рефлексија и со тоа си ја одзеде можноста за креативна и несамоцензурирана расправа. Самоцензурирата доаѓа, пред се, од стравот дека ако застанате зад една или зад друга позиција, автоматски ќе бидете идентификувани како следбеник на овие или на оние. Односно поради стравот дека она што може да ја дефинира нашата позиција како субјекти на јавноста е нужно приклонување кон една или друга политичка партија. На тој начин се блокира дијалогот, внатре во цивилното општество. Значи се почива на претпоставката дека не постои автономна расправа на интелектуалците и дека не е можно по едни прашања да се согласувам со едните, а по едни прашања да бидам поблиска со другите. Таа можност како да е исклучена од перцепцијата во јавноста и тоа е она што го намалува нивото на квалитет на расправа во цивилното општество.
Јас тоа би го детектирала како клучен проблем и мислам дека изворот на тој проблем не е само оваа логика на рефлексија, туку целата идеја за застапување на ставови што ја делиме и ние како цивилно општество и политичарите, а тоа е логиката на правоверноста, на ортодоксијата... Тоа значи дека ортодоксно припаѓате на едната линија - политичка линија или линија на политичка мисла или партиска линија, или ортодоксно припаѓате на другата. Значи, ересот е исклучен. Мислам дека додека не добиеме еретички субјекти на нашата цивилна јавност кои што се отпадници и од својот сопствен табор и влегуваат во дијалог, во расправа, во судир на ставови - целта секако е да се разбереме и на крајот да се постигне некакво хармонизирање, но не мора нужно да се дојде до тоа - ние не можеме да имаме автентична расправа во цивилниот сектор.
(Катерина Колозова е професор по филозофија и родови студии)
No comments:
Post a Comment