Sunday, March 20, 2011

Стево Пендаровски: ВО ПОТРАГА ПО ЗАЕДНИЧКАТА ОСНОВА

За жал, и по потпишувањето на Охридскиот договор, двете големи етнички заедници (барем во математичка смисла), останаа во своите атари, веруваат во своите национални симболи и веруваат во својата етничка историја

Првото прашање во однос на политичката култура, што јас би го поставил е дали Македонија како држава во целина во моментов има специфичен национален или државен код и систем на симболи по кој се однесува. Просто кажано дали имаме национална и државна култура. Секогаш кога ќе ги чуете политичарите од било која боја дека зборуваат за национален и државен интерес, во истиот момент треба да знаете дека зборуваат за национална и државна култура. Едните не се препознаваат во државната култура, другите не сакаат да бидат дел само од националната култура. Конечно, проблемот со политичката нација што ја немаме е добро познат. Само накратко за тоа како се формира овој специфичен национален или државен стил. Пред се од историското искуство кое, бидејќи живееме во иста држава, би морало да биде барем малку заедничко за сите нас, особено во формативните години на државата, односно во нашиот случај од 1991-та година. Сите знаеме дека, кога и да се дискутираа крупните проекти за Република Македонија, двете најголеми етнички заедници беа на сосема спротивни страна. Во таа 1991 година тогашната политичка елита, според мене, се обиде да ја постави политичката култура на Македонија, врз една прилично конфузна комбинација на комунистичко наследство плус верувањата и вредностите на бројно доминантниот народ. Оваа состојба, со потешкотии, траеше десет години и 2001-та ваквата политика беше оспорена, не само безбедносно, не само политички, туку и културолошки. Резултат на тоа беше Рамковниот договор. Освен сите законски и уставни промени, вклучувајќи ги тука анексите, преамбулата и останатите акти (што секако е одлично), тој требаше да означи да означи нов почеток и во градењето на една заедничка политичка култура во државата. За жал, до денес двете големи етнички заедници не можат да се договорат за крупните државни проекти. Рамковниот договор мораше, и тогаш и денес, да биде читан како обид, барем за стратешките проекти, да се воспостави не етничка поддршка, туку мултиетничка поддршка. Ова можеме да го видеме и според последното прашање: името наспроти членството во НАТО и ЕУ. И по ова мошне значајно прашање и тоа како сме поделени.
За жал, и до денес двете големи етнички заедници (барем во математичка смисла), останаа во своите атари, веруваат во своите национални симболи и веруваат во својата етничка историја. Затоа и имаат различна култура. И политичка и секаква друга. Кога егзистираат овој тип различни култури во рамки на една иста држава, тогаш постои страшен проблем да се направи конзистентна државна политика во било која  област. Тогаш постојат различни инпути од големите коституенти на електоратот, при што, тврдам, дури и со крајни усилби, а камоли ако сосема не постои целосна волја, не е можно да се направит конзистентна државна стратегија. Затоа македонската политика во последниве години оди по строго етничка линија. Особено таму каде што бројката тоа го овозможува, па и во клучните области, како што се надворешната и внатрешната политика.
Како да се надмине овој расцеп, оваа фрагментираност на културите во Македонија. Ако веќе не можеме или, како што мене ми се чини, немаме доминантна политичка волја да ги премостиме тие разлики, дали тогаш можеме барем некогаш, барем негде, барем за кус период, да се обидеме  да веруваме во нешто трето што може да не обедини. Тој кохезивен проект нам ни е познат и се вика интеграрање на Македонија во евро-атланските интеграции. Можеме ли на страна од, така да ги наречам. стриктните национални вредности, да веруваме на пример во легалитетот, во моралот, во дијалогот, во консезусот... Тоа се паневропски вредности. Да се обидеме Албанците, Македонците и сите други, ако веќе не можеме да го преминуваме мостот што не дели, барем да веруваме во овие вредности. Конечно, денеска се гради, додуша прилично срамежливо и прилично бавно, еден паневропски идентитет кој не ги спори националните етнички идентитети воопшто. Тоа е тој европски конституционализам, тоа се вредностите што се запишани во документите кои не држат заедно.
Врз само два примера може да се илустрира како испуштивме голема шанса како држава да поентираме во интерес на државата, а не во интерес на било која етничка заедница. Тоа се проектите за споменикот на Скендербег и „Скопје 2014“, кои имаат идентична, односно етничка логика зад себе. Споменикот на Скендербег стартуваше како партиска иницијатива, односно максималното негово достигнување е да биде етнички поддржан од една етничка заедница. Иако, поради личлноста што ја претставува, ги имаше сите предуслови да стане почитуван државен проект и сите предуслови да биде почитуван и од другите етнички заедници, тој беше изменачиран неговото главно достигнување да биде во рамките на етникумот. „Скопје 2014“, е проект што уште не е завршен, и иако и тој ги имаше сите предуслови да биде крупен државен проект во кој ќе веруваме сите, за жал почна и се турка само како партиска иницијатива. На крајот и овој проект ќе остане поддржан само во еден етникум.
(Стево Пендаровски е професор на Американскиот колеџ)

No comments:

Post a Comment