Пропуштаме шанси веќе 20 години да градиме традиции на политичка култура и дијалог. Наместо унапредување на состојбата со навредите, клеветите, етикетите и насилството во политиката, кај нас состојбата секоја година се заострува
Сегашна состојба
Нивото на политичка култура и дијалог е слика за политичкиот систем и неговата развеност. Пропуштаме шанси веќе 20 години да градиме традиции на политичка култура и дијалог. Наместо унапредување на состојбата со навредите, клеветите, етикетите и насилството во политиката, кај нас состојбата секоја година се заострува. Постојат многу малку емисии (Студио 2 е одличен пример) во медиумскиот простор за развивање на политички дијалог. Културата на политички предизборни дуели се замени со гола пропаганда. Наместо непосредно дијалогот се води со инстант соопштенија и прес конференции. Институциите не го негуваат дијалогот и се сеќаваме дека 2008 година оваа ситуација кулминираше со физичка пресметка во Собранието на РМ и со крвави избори.
Ефектот врз младите како граѓани и гласачи е многу голем и негативен. Како ќе се учат да живеат во демократски услови ако нивната реалност и нивниот образовен процес не нуди ништо од што би можеле да согледаат позитивен пример на политичка комуникација.
Последици од сегашната состојба
Импровизација на политички дијалог, Етикетирање и навредување како норма на политичка комуникација, Редовна употреба на насилството како средство за политичка и општествена комуникација, непријателство како состојба помеѓу различни општествени групи на неистомисленици по исти прашања, Поделби и сегрегација на граѓаните по различни основи, креирање на нови табу теми и неразјаснување на старите.
Решенија
Воведување на сериозно граѓанско образование кое ќе ги изучи, помеѓу другото, основните концепти на слобода (индивидуална и колективна), толеранција на различни ставови, демократија, критичко размислување, ненасилство како животен концепт и разбивање на табу темите- не треба да постои табу тема (граѓанскиот морал на младите треба да биде граден од најраните години и тој не смее да зависи од тоа дали ќе постои или не религиско образование- веронаука или што било друго).
Коренито менување на политичката пракса. Образованието останува само по себе бесмислено ако е сосема нормално да се етикетира, да се игнорира политичкиот противник и да се комуницира само преку „Центрите за вистина“ на партиите и ако суштината на политичкиот дијалог е ad hominem (Ако во секоја реченица на политичките дискусии ги слушате имињата на премиерот и лидерот на опозицијата, а не нивните политики тогаш тоа нема врска со политички дијалог).
Улогата на медиумите е клучна во процесот на издигање на дијалогот како врвен извор на идеи и политички судир, а не прес конференциите, партиските соопштенија и однапред познатите прашања на некое интервју. Недозволиво е да поминат два изборни парламентарни циклуси без соочување на ГЛАВНИТЕ политички фигури пред јавноста. Тоа е нечуено во демократските држави. Медиумите се тие кои со редовно закажување на дуели дискусии и дебати ќе ги „присилат“ политичките партии, особено оние од власта, да ја вршат својата должност, да се соочуваат со своите политички противници пред јавноста, затоа што со нивно игнорирање и избегнување се избегнува дијалог со еден сериозен дел од граѓаните кои тие ги претставуваат. Редовно нека се прават дебати на макар и нечие столче да остане празно. Два пати ќе биде празно, третиот пат некој ќе го пополни. Медиумите се клучни во негувањето на праксата и свеста на дијалог и отчетност пред јавноста преку медиумите.
Граѓанскиот активизам (индивидуален и колективен) е неодминлив елемент во процесот на оживување на политичкиот и општетствениот дијалог. Граѓаните кои не можеле или не сакале да се здружат во политичките партии сосема легитимно и легално можат своите интереси да ги остварат преку граѓанскиот сектор. Партиите се должни да ги прифатат граѓанските организации такви какви што се (а не такви какви што тие сакаат да бидат) како релевантни партнери во политички дијалог без да ги етикетираат со тоталитарна реторика својствена за на пример Лукашенко или Милошевиќ, туку да се обидат да разговараат со нивните аргументи и ставови. Од друга страна, граѓаните да го разберат граѓанскиот активизам како нормален и редовен начин за артикулирање на своите ставови без страв или должност некому да објаснуваат каде и зошто членуваат и без страв да влегуваат во дијалог со сите нивоа на јавна власт.
Засилени институции и правна држава - дијалогот мора да биде присутен најмногу во институциите каде природно се раѓа и негува - Собранието на РМ, Процесот на подготвување на закони и легислатива од Владата, Советот на општината, Студентскиот парламент, политичките партии, граѓанските организации и слично. Институциите мора да се негуваат, дијалогот мора да стане пракса, а компромис не смее да има околу прашањето дали ќе се применува законот и врз кого.
(Бојан Маричиќ е Проект координатор во ФИООМ)
No comments:
Post a Comment