Sunday, March 20, 2011

Ризван Сулејмани: НА МАКЕДОНИЈА И ТРЕБА ДЛАБОКА ДЕБАТА НА СИТЕ НИВОА

Во Република Македонија имаме два спротивни феномени. Првиот е културниот шок, кој доаѓа како тенденција на еманципирањето и урбанизацијата на Албанците и, вториот, политичката траума, како реакција на она што се подготвува како антиполитика против овој феномен

Накратко сакав да речам дека тука се дадоа многу дефиниции за тоа што е политичката култура. Кажано беше дека е тоа однос на индивидуата кон институциите, однос на индивидуата кон државата, однос на колективитетот кон институциите, државите. Можат да бидат интегралистички, може да бидат традиционалистички и така натаму. И, имам впечаток дека сета оваа трибина се прави за политичкиот дијалог на политичките лидери, а не за средниот дијалог, за она што го спомена колешката, дијалог на интелектуалците, на граѓанското општество, но и најзначајно - дијалог на народот.
Имаме ситуација во која денес има толку судирања и поларизации во политичкиот живот околу два проекти, како што е Скопје 2014-та и сега, во последно време, ни се јавува уште еден проблем, оној со Куманово. И никако да влеземе во суштината на проблемот, туку само ги гледаме политичките актери, кои мајсторски ги користат некои свои способности кои создаваат последици со цел задржување на власта или евентуално освојување на власта. И сета аргументација се сведува на тоа дека ВМРО-ДПМНЕ е тоталитарна националистичка партија, СДСМ е слаба партија и не може да ја игра улогата на опозиција, ДУИ е слаба партија на власт и не ја извршува својата задача како албанска политичка партија, ДПА е вонинституционална и така натаму, а никој не седнува да размисли што се случува во Македонија. Има толку многу индикатори за да се види дека ова што се случува со Скопје 2014-та е само последица на подлабоки процеси кои се случуваат во македонското општество.
Според мене, во Република Македонија имаме два спротивни феномени. Првиот е културниот шок, кој доаѓа како тенденција на еманципирањето и урбанизацијата на Албанците и, вториот, политичката траума, како реакција на она што се подготвува како антиполитика против овој феномен.
Република Македонија по 2001-ва е сменета. Нема канцеларија во која нема Албанци и Македонци, нема војска и полиција без Албанци и Македонци заедно. Но, што се случува? Додека едни зборуваат за едноставно семејни работи, другите не ги разбираат и расте стравот - "за што зборуваат?". Овој другиот може да ги разбере и кога разговараат за семејни работи и за политика и нема страв. Затоа испитувањата покажуваат дека 70% од Македонците не се подготвени за соживот со Албанците, додека само 40% од Албанците ја немаат таа готовност. И, нормално, политичката партија настојува овој страв, кој е резултат на првиот контакт на двете култури, да го искористи за политички цели. Аха, создаден е страв кај Македонците и еве сега јас ќе изградам тука споменик на Александар, на Гоце, еве тука се тие за да ве штитат и вие можете да се чувствувате сигурни дека нема да дојде до, како што го рече тоа еден од лидерите, односно поранешниот премиер, "албанизација на Македонија". Ние сме ви гаранцијата за оваа ситуација. Понатаму, не за да едниот го разбере другиот, промовираме проект од типот изучување на македонскиот јазик од прво одделение во албанските училишта, што е наводно апсолутно во полза на Албанците. Меѓутоа, забораваме дека овој проект ја буди албанската траума, ги враќа 80-тите години, кога започна процесот на комплетни затворања на училиштата на албански јазик.
А, во оваа игра,. Сите ние сме ставени во навивачки улоги - "за - против". И со безмерна симплификација на процесите, свесно или несвесно, ја јакнеме силата на политичките лидери.
На Македонија и е потребна длабока дебата на сите нивоа. Зошто се чудиме што ни се случува Куманово. На истово место пред една година ги презентирав резултатите од научното истражување и ние велиме дека сме задоволни затоа што 95% од македонските граѓани се за Европската Унија. Но, кога ги претставуваме резултатите не кажуваме дека на прашањето зошто ја сакате Европската Унија, над 50 посто велат дека ја бараат заради визите, за да можат да заминат да бараат работа. Ова и се случува на Македонија. Меѓутоа, кога се презентираат овие резултати, политичките лидери не се појавуваат. Политичките лидери претпочитаат боксерски дијалог, одат да победат со 8-2, или барем, си велат, неутралните актери, судиите, во конкретниот случај меѓународната заедница, да бидат на моја страна. И затоа денеска ги имаме тука, затоа што тука се амбасадорите. Доколку си заминат амбасадорите, јас сум сигурен дека ниту еден од претставниците на политичките партии нема да остане за да го слушне мислењето на граѓанското општество. Тоа е дијалогот во кој не се оди на дијалог за да се добие резултат 6-6 и збирот да биде 12 за државата и општеството, туку 8-2 во моја или твоја полза, по што збирот пак ќе биде 10, наместо 12.
На Македонија и треба едно подлабоко реформирање, подлабок дијалог, кој што ќе започне од оние кои директно комуницираат. Со ова ќе им ја одземат силата и тежината и ќе ја отстранат концентрацијата на државата од политичките лидери. Ние треба да дебатираме во ваква форма, независно од тоа што разговараат и како дебатираат нашите политичари.
(Ризван Сулејмани е Потпретседател на Евро-Атлантски Сојуз на Македонија)

No comments:

Post a Comment