Ако се успее повеќе време да се искористи за дебатирање за суштинските работи за сметка на она што се троши на бесцелни меѓусебни обвинувања, таквата дебата сигурно би дала повеќе резултати
Швајцарците и претходно поддржуваа дебати со учесници од различни профили во Македонија, и секогаш мислевме дека би било добро самите Македонци да преземат иницијатива и да организираат вакви отворени дебати. Затоа би сакала да им честитам на организаторите на денешната дискусија, и да им се заблагодарам на луѓето што дојдоа - затоа што, за да има дијалог неопходно е, пред сè, да има луѓе, кои се подготвени да учествуваат, кои одвојуваат време за тоа и имаат храброст да проговорат отворено и слободно.
Моите останати поенти произлегуваат од искуството што го стекнав како набљудувач на политички дискусии, поддржани од страна на Швајцарија. Првата е дека, иако секогаш се започнуваше со агенда, односно прашања, за кои мислевме дека се од исклучителна важност за Македонија и нејзините граѓани, ретко кога се придржувавме до тоа. На крајот на тие дебати, јас лично секогаш бев малку фрустрирана, затоа што 90 проценти од времето беше потрошено на обвинувања, а многу малку време се користеше за суштински разговори. Според истражувањата и според она што имам прилика да го слушнам, најголемата грижа на Македонците е економијата, односно невработеноста. Но, и покрај општото идентификување на проблемот, ние речиси воопшто не дискутиравме за тоа, што би можело да се стори за решавање на ова исклучително важно прашање. Сметам дека ако се искористи повеќе време за дебатирање за суштинските работи за сметка на она што се троши на обвинувања, таквата дебата сигурно би дала повеќе резултати. Се разбира, на политичарите им е тешко да се фокусираат само на суштината и, како што кажа мојата колешка од Холандија зборувајќи за холандските политичари, морам да признаам, дека ниту швајцарските политичари не се најдобриот пример: политиката е сепак игра на моќ.
На второ место треба да се каже дека постојат неколку основни елементи кои се особено значајни за развивањето на култура на дијалог. Еден таков важен елемент е меѓусебното почитување. Се разбира дека не мора да се согласувате со останатите, но ако сте учтиви и покажете респект при изразувањето на несогласувањето, тоа секако е од огромна помош за овозможувањето на дијалогот. Јас лично сметам дека, ако не се согласувам со некого, а сакам да му пренесам некаква порака, тогаш треба да бидам дури и поучтива од обично – тоа е единствениот начин и шанса мојата порака да биде пренесена до некого, чии гледишта се разликуваат од моите. Друг важен елемент за дијалогот е довербата, која, според она што го имам видено, во Македонија треба да ја има во изобилство. Македонија е мала земја и сите се познаваат меѓу себе. На дебатите што ги имавме, постојано гледав како политичари од спротивставени партии на паузите си приоѓаат и се прегрнуваат. Тоа за мене секогаш беше утешна глетка, која што покажува дека на крајот на денот не е сè црно. Секако, довербата треба да се негува. Како политичари вие развивате одредена специфична идеологија, но водењето добра политика често е поврзано со изнаоѓање компромиси и балансирање на сопствените гледишта. Мало отстапување од сопствените позиции може да ве одведе многу подалеку отколку инсистирање на непроменливи ставови. Потребна е прагматичност, особено во земји со различни заедници, каде што прецепциите се природно различни. Се надевам дека македонските политичари ќе можат од време на време да бидат помалку сериозни и да ги согледаат предностите од играњето со идеи, кои може да бидат взаемно корисни. Секако, изнаоѓањето компромиси е постојан предизвик за луѓето насекаде, а Швајцарците во ниедна смисла не можат да се третираат како модел за подобра култура на дијалог. Единствениот начин е постојано да се обидуваме да дискутираме и да посегнуваме едни кон други.
(Н.Е. Никол Вирш е амбасадор на Швајцарија)
No comments:
Post a Comment