Не може да стане збор за политичка култура во ситуација кога се задира во идентитетот на другите народи
Нема сомнежи дека ова е широка тема во која секој може да се најде себеси и да придонесе со своите размислувања.
За да се има политичка култура и вистински дијалог мора да се создаде амбиент, услови па и стандарди со цел таа да биде што поефективна.
Недостатокот од овие категории ескалира со дилеми и перипетии, со несоодветен, но би рекол и премногу тенденциозен речник. Аргументи имаме и во говорите и во политичките реплики со кои секојдневно се соочуваме тука во Македонија.
Оваа проблематика секако својата генеза ја има од самото осамостојување на државава - од неучеството на Албанците на референдумот за независност, од приватизацијата во четири очи, која освен тоа беше и моноетничка, па до последните потценувања помеѓу коалиционите партнери, при што, според мене, се бесмислени одлуките што излегуваат од владата, а кои се оспоруваат час од едниот, час од другиот коалиционен партнер.
Не може да стане збор за политичка култура во ситуација кога се задира во идентитетот на другите народи.
Најпрвин би го споменал присвојувањето на монументот и фигурата на големата Мајка Тереза, при што оваа фигура се уште нема национална припадност и се уште таа се нарекува “скопјанката“. Можеби оваа терминологија треба да ја обработиме што повеќе и сите ние да се нарекуваме, за што зборуваше и колегата Стево, со еден национален идентитет. Тука се и другите историски личности за кои не се знае каде навистина припаѓаат, бидејќи имаме реакции час од Грција, час од Бугарија. Значи се присвојува туѓата историја.
Не може да стане збор за политичка култура кога имаме сомнителен секуларизам. Имаме држава која тврди дека е демократска, дека ги расчистила сметките со секуларизмот, меѓутоа во сите проекти учествува само православната верска заедница.
Не може да стане збор за политичка култура кога институциите ја дискриминираат културата и економијата на другите. Ние знаеме дека 95% од републичкиот буџет на Македонија неправедно се доделува на еден етникум.
Не може да стане збор за политичка култура, кога овие институции носат незаконски одлуки со ексклузивитет од страна на државата. Се работи за изучувањето на македонскиот јазик во албанските училишта од прво одделение, што е неуставно и незаконски, поради фактот дека законот за основното образование јасно кажува дека македонскиот јазик почнува да се учи од четврто одделение.
Тука се гледаат и парадоксалните страни на оваа власт. Непостоењето кохезија меѓу коалиционите партнери се покажува со тоа што тие не сакале да постапат според правилото на Бадентер при менувањето на законот за основното образование, поради фактот дека потоа ќе треба да уследат други компромиси, како што имавме компромис сега и за педагошката евиденција, што, за жал, се бојкотира од албанските медиуми. Албанците за ова не знаат ништо. Дали се прави тоа со инвестирање од страна на институцијата, тоа не го знам и не можам да шпекулирам.
Ќе споменам уште еден скандал. Претседателот Иванов му ја честита на косовскиот претседател втората годишнина од независноста, а во истата телеграма ниту еднаш не е напишан зборот независност. Замислете каков парадокс! Цело време говориме за демократска држава.
Го имаме и случајот на упад во Тетовскиот универзитет, каде што беа испратени 500 полицајци и комплетно беше сменет ректоратот на таа образовна институција. Асистенти кои не се дипломирани во системот мастер влегуваат во деканат. Значи се врши груб упад во еден храм на знаењето кој е свет.
Јас тука нема да се задржам само на критика на власта. Сакам малку да ги имплицирам и колегите од невладините организации, односно од граѓанскиот сектор, со оглед дека при регистрацијата на нашата организација видовме дека постојат над 5.500 организации во Република Македонија. Ова е неверојатна бројка, додека ситуацијата долу, кај народот е многу малку променета. Поаѓајќи од тоа дека невладините организации служат за неформално образование на населението, кога секоја од овие 5.500 организации по 10 лица би едуцирала како што треба, кога би ги праќала по семинари, без оглед на тоа какви теми се разгледуваат таму, би имале колку толку една поинаква комуникација внатре во општеството во Македонија.
Последиците се очигледни. Јас тука би пренел еден цитат од последната книга на Френсис Фокујама, кој вели дека слабите влади не само што не се во состојба да создадат силни, стабилни и нови институции, туку тие често се и генератори на проблемите.
Факт е дека кај нас не постои кохезија. Амбасадорот Фуере рече дека граѓаните ги гледаат политиката и институциите и политичките лидери како примери, се поистоветуваат со нив. Сега, како се одразува кај граѓаните фактот што на годишнината од Охридскиот договор, на осмата годишнина, не присуствуваше партнерот од владината коалиција ВМРО.
Тука, кај решенијата, јас би апелирал до институциите под итно да престанат со дискриминирање на малцинските народи, не само на Албанците, туку и на другите, затоа што општеството и државата треба да бидат вистински мултиетнички, а за тоа е неопходна и итна целосна имплементација на Охридскиот договор. Македонските граѓани, покрај своите слободи и права, треба да ги почувствуваат и државните бенефити.
Покрај наведеното, потребно е целосно почитување на домашното судство, како и јасно сфаќање на пораките од меѓународниот фактор, а никако нивна злоупотреба.
(Ваљон Беља е Претседател на Албански сојуз)
No comments:
Post a Comment