Sunday, March 20, 2011

Н.Е. Кјетил Паулсен: ДЕМОКРАТСКО ПРАВО, А НЕ ДОЛЖНОСТ, Е ДА СЕ ПРЕТЕРУВА

Ако секој ден викаме „волк“, ќе се доведеме во опасност дека кога волкот навистина ќе дојде никој нема да веруваљ на предупредувањето
Сигурно е дека сите чинители во демократијата, од време на време, треба да ја проценат состојбата, односно да проценат дали таа ќе оди нанапред преку политичката култура и дијалог во нивните општества. Ова не е специфично само за Македонија или Норвешка, туку генерално е применливо за сите демократии. Како надворешен набљудувач, секако дека треба да бидам претпазлив во изнесувањето на каков и да е совет што се однесува на моменталната состојба во Македонија, но, како и да е, сепак се осмелувам да понудам една-две забелешки, можеби повеќе од општа природа.
Главниот тренд во Македонија во однос на демократскиот развој е дека државата се движи во вистинската насока, како што, впрочем, е посочено во извештајот за напредок од Европската комисија од октомври минатата година. Напредокот може да биде побрз во некои области во споредба со други, но сé додека општата насока е правилна, тоа се добри вести. Некои демократии се сепак препознатливи по високото ниво на политичка врева, по креативните карактеризациии на опонентите и можеби по тенденцијата да изјавуваат и наведуваат мислења „со големи букви“ повеќе отколку интерактивно да зборуваат за актуелните прашања. Ако има контроверзност во македонските јавни дебати, мислам дека е корисно да се запраша дали нивото на контроверзност е соодветно, премногу високо или премногу ниско. Навистина, некои прашања се спорни по својата природа, но дали е тренд да се нагласува контроверзноста?
Беше интересно кога пред некој ден една пријателка Македонка ме предупреди и рече: „Запомни дека ние Македонците сме контроверзни, секој еден од нас“. Тоа ме потсети на една изрека поврзана со Норвешка. Оди вака: најважната работа за Норвежанец е да стане СВЕТСКИ познат во Норвешка, се разбира. Значи, сите ние си имаме свое бреме за носење. Сакам само да кажам дека ние ги имаме своите национални, културни и политички особености со кои се поистоветуваме, но за истите се шегуваме кога ќе претераме. Но, сепак, постои опасност дека ќе бидеме во искушение да претераме викајќи „волк!“ секој ден, а потоа, кога волкот навистина ќе нападне, може да се случи, никој да не верува на предупредувањето.
Ова е според мене она што Македонците, Норвежаните и другите народи кои ја уживаат демократијата треба да го имаат на ум, без да се доведат во прашање на било кој начин нашите посебни културни одлики и нашите традиционални начини на комуникација еден со друг. Демократско право е да се претерува, но тоа не е и демократска должност.
(Н.Е. Кјетил Паулсен е Амбасадор на Кралство Норвешка)

No comments:

Post a Comment