Не е важно каде бевме во минатото, важно е каде ќе бидеме по две-три децении
Секако дека политичките лидери треба да бидат пример во ширењето на политичкиот дијалог, но обичниот народ не гледа дека лидерите на бројните приеми, коктели, состаноци... се гушкаат, разговараат. Обичниот народ го гледа она што се случува во Собранието. Навреди и максимални омаловажувања; кој што направил во минатото и кој за што е виновен. Мене како граѓанка на Македонија апсолутно не ме интересира кој што направил, мене ме интересира каде ќе биде Македонија за 20-30 години.
Последиците од ваквата политика младите допрва ќе ги чувствуваат. Хелсиншкиот комитет секоја година организира школи за човекови права за средношколци од 16-18 години. Ситуацијата од училиште до училиште е очајна до поочајна. На некој начин правевме анализа зошто децата (бидејќи тоа се деца, ретко кој од нив има 18 години) имаат искривени ставови за убавите зборови од типот на комуникација, консензус, толеранција, почит... доверба и т.н. и сфативме дека тие деца се родени и растат во транзиција, Всушност, тие деца не виделе нешто друго, не виделе нешто поубаво, не виделе нормален дијалог, не виделе размена на ставови... Виделе само лични навреди и обвинувања. И од тие деца утре ќе произлезат идни политичари, кои утре ќе треба да ја градат таа политичка култура и да го градат тој политички дијалог.
Ние неколку пати во последниве 5-6 години до сите структури на различните влади што се менуваа (само во последните пет години се сменија три влади), пративме предлог да се тргнеме од дневно политичките теми и да се направи еден општонационален дијалог, да видиме каде сакаме да биде Македонија 2030 г. Не денес, не утре, туку за 20- 30 години. Ако имаме едно нешто заедничко, нешто што не спојува, дури тогаш ќе можеме да развиваме стратешки проекти и постепено да ја градиме таа политичка култура и тој политички дијалог. Се додека не седнат, целото граѓанство и целото граѓанско општество и сите политички партии и не се договорат каде сакаме да бидеме по 30 години, од политичкиот дијалог ќе нема ништо.
(Гордана Несторовска е Извршен директор на Хелсиншкиот комитет за човекови права на Македонија)
No comments:
Post a Comment