Единствените држави кои можат да бидат успешни како идни ЕУ членки, се тие држави кои знаат како да изградат консензус
Решенија - Конференција за политичка култура и дијалог, март 2010 г. |
Прашањето за политичкиот дијалог и политичката култура е мошне важно и интересно за секоја држава, иако, се разбира, ние, како претставници на меѓународната заедница, сме само набљудувачи во Македонија. Мислам дека некои луѓе жалат што сме овде, иако ние сме тука само како пријатели.
Од искуството на сопствените држави, ние знаеме дека градењето демократија не е само статично прашање, туку напротив, тоа е прилично динамично. Сите се справувавме и се справуваме со овие проблеми со кои Македонија се справува денес, така што не би ни можеле да зборуваме од некаква супериорна позиција. Ние сме пријатели, сакаме да се бориме заедно со вас, можеме да учиме од вас и можеби вие можете да учите од нас. Оваа забелешка ми е важна за да кажам дека како амбасадор, јас не сум тука како некакво супериорно човечко битие, туку како човек од различна земја, кој ви се обраќа вам како на европски сограѓани и како идни партнери во ЕУ и НАТО.
Можат да се направат разлики во општествата, и тоа како историски фундирани заедници, кои дефинираат од која насока доаѓа и по која насока се движи постоечката политичка култура која превладува во општеството. Како што можат да се направат разлики врз основа на тоа дали работите како поединец или како семејство, дали работите повеќе во кооперативна или компететивна смисла, дали сте општество засновано на хиерархија или егалитарно, од врвот-надолу – од долу кон врвот; дали работите повеќе врз база на разум или врз база на традиција, внесувајќи повеќе емоции во играта. Холанѓаните се егалитарци. На пример, Холандското општество често го нарекуваат женско. Има општества кои се нарекуваат машки, но тоа не е затоа што се сите мажи, туку затоа што некои вредности кои традиционално се поврзуваат со мажите, а тоа подразбира комплетно различен систем на политика, што често го забележуваме повеќе како zero-sum игра отколку како еден вид win-win став.
Ние, Холанѓаните, сме под нивото на морето, отсекогаш сме морале да се бориме против водата. Без коопертаивен систем заснован на консензус, никогаш немаше да преживееме. Овој принцип ја создаде нашата држава и го изгради нашиот политички систем. Но, тоа не значи дека сите ние треба да останеме какви што сме. Во моментов се соочуваме со нови предизвици, со еден и пол милион новодојденци во нашето општество. Повеќето од нив се од не-западни култури, со потполно различни гледишта на животот, доаѓаат од земји со сосема различна политичка култура, така што се наметнува потребата да пронајдеме одговор на овој предизвик.
Вие сте соочени со неопходноста да станете полноправна членка на ЕУ и НАТО, а тоа бара нови начини на справување и волја во политиката. Не можете да бидете успешна ЕУ држава ако политичката игра се стреми само кон zero-sum игра. Единствените држави кои можат да бидат успешни како идни ЕУ членки, се тие држави кои знаат како да изградат консензус, како во своите сопствени држави, така и со нивните партнери во големиот ЕУ-колектив, во оваа огромна машинерија, која секојдневно наоѓа компромиси за многу тешки прашања. Мислам дека македонската политика треба да се гледа себеси на тој начин, да го оценува своето однесување, а тоа е колективна одговорност.
Понекогаш гледам дека политиката овде не е доволно инклузивна, не е доволно сериозна, особено не во смисла на вистински искрен дијалог со висок интегритет, не гледам обид взаемно да се најде заедничка основа. Исто е и со опозицијата. И опозициските партии треба да се обидат да најдат консензус за важните прашања од национален интерес со нивните колеги-политичари од партиите на позицијата. Зошто да не? Вака се движи политиката во било која земја. Сведоци сме дека оние земји што успешно можат да изодат овој пат се најпросперитетните, најуспешните во светот. Мислам дека има уште нешта кои треба да се направат на тие нивоа во македонската политика. Мислам дека тоа ги вклучува сите македонски политички партии кои планираат да се следат едни со други во одредени начини на однесување. Тоа е процес и одзема време, но мислам дека е потребен искрен напор од сите вас, а мора да го сторите тоа заедно.
Многу општества се водени од стравот. Мислам дека стравот е најлошиот советник во овој случај. Најдобриот советник е да се има храброст да се погледне во иднината. Иднината треба да се земе како точка на стремеж. Никако не минатото, особено не минатото во овој дел на Европа. А потоа треба да се обидете сите заедно да изградите успешно општество.
(Н.Е. Симон Филипини е Амбасадор на Кралство Холандија)
No comments:
Post a Comment