Sunday, March 20, 2011

Анастас Вангели: ИНДИВИДУАЛЕЦОТ И КОЛЕКТИВНИТЕ ПРАВА

Денес е недозволиво некој да биде атеист, да е не-хетеросексуалец, да е про-избор кога станува прашање за абортусот и, најважно од се, да е против таа тенденција на етнизација, вкалапување и воопшто против хомогенизацијата
Моја претпоставка е дека премногу се мистифицира политичкиот дијалог, и тоа како дијалог меѓу политичките елити, политичките партии и политичките лидери. Секако, тој дијалог меѓу политичките елити и партиите е значаен за развитокот на државата и не треба да се потцени, меѓутоа за мене е позначајна состојбата на општествениот дијалог во една поширока смисла. Поголем проблем е што кај нас превладува духот на непочитување на различноста и на нетолеранцијата.
Не се согласувам со тоа дека фрагментираноста во моментов во опшеството ни се случува само по етнички, верски или било какви идентификациски основи. Да, тоа е консензус на одредени политички елити, македонската и албанската, МПЦ и ИВЗ, дека, за нив, тоа се категориите во кои тие размислуваат и во кои што сакаат да не вкалапат сите. Меѓутоа, спред мене, тоа е тенденција за хомогенизација, наметнување на калапите -   некој да не може да учествува во тој имагинарен дијалог ако не ги прифаќа тие вредности. Во спротивно му се одземаат неговите политички права! За жал, оваа тенденција на одземањето на правото на јавно искажување на мислење не е само партиска, туку се однесува на многу поширок круг општествени и социјални слоеви.
Денес, на пример, е недозволиво некој да биде атеист, да е не-хетеросексуалец, да е про-избор кога станува прашање за абортусот и, најважно од се, да е против таа тенденција на етнизација, вкалапување и воопшто против хомогенизацијата. Тоа значи дека не се почитува индивидуалната автономија и не се почитува правото на различност. Не се почитува, на пример, правото на немање на етнички идентитет. Ако вие, ете, се заложувате за тие позиции, вие тогаш не учествувате во политичкиот дијалог. Вие, едноставно, сте отпадник. Тука како примери можат да се посочат повиците за линч од страна на некои медиуми, па и од страна на некои политички фактори, што се однесуваат на збирштината на геј-популацијата, атеистите, соросоидите, на политички неподобните ликови... Некаков конгломерат, кој како во некои темни времиња, еве и сега сакаме да го доживуваме како најсериозна опасност за „здравото“ општестевено ткиво.
Додека не признаеме дека постојат овие проблеми, а не ги признаваме, до тогаш не можеме да ги решиме. Не можеме да велиме дека ако има дебата – тоа значи дека има политички дијалог; или ако има протести – значи има демократија; односно ако им дозволиме организација на парада на толеранција - значи нема дискриминација. Тоа, секако, не е начин да се решаваат проблемите. Теба да се работи на почитување и развивање на индивидуалната автономија. Наместо да се дискутира за дијалог на одредени колективитети или групи луѓе, едноставно треба да се даде примарно значење на индивидуата. За мене е погубно што ние и во 21-виот век, се уште се наоѓаме во стадиум на одредување на патриоти и предавници.
(Анастас Вангели е аналитичар)

No comments:

Post a Comment