Еден од тестовите на демократијата е способноста да се работи заедно за општо добро и покрај несогласувањето
Задоволство ми е да споделам размислувања, од американска перспектива, за политичкиот и граѓанскиот дијалог и нивната важност за демократскиот и економскиот напредок. Накратко ќе опишам што Соединетите Држави прават за да го помогнат овој процес во Република Македонија.
Друг збор за политички и граѓански дијалог е демократијата. Мислам дека она за што зборуваме тука е степенот на ефективност на процесот на разгледување, дебатирање и одлучување за работи од јавен интерес на локални и национални нивоа.
За голем број од предизвиците со кои се соочува Македонија, резултатот зависи од квалитетот на политичкиот и граѓанскиот дијалог. На Македонија ѝ се потребни идеите и решенијата што можат да генерираат како резултат на исцрпен дијалог и дебата. Кога размислувате за предизвиците со кои Македонија или било која друга држава се соочува, ќе сфатите дека малку се оние кои на овој или оној начин не се погодени од резултатите на демократскиот процес. Дури и проблеми кои примарно потекнуваат надвор од Македонија, како глобалните економски услови или интернационалните спорови, бараат широко базирани одлуки за тоа како Македонија најдобро треба да продолжи и да реагира. Анкетите овде постојано покажуваат дека економските услови, од типот на високата невработеност се највисоко на листата на приоритетите на граѓаните. Не сугерирам дека Македонија може да креира работни места само со дебатирање за проблемот, но многу од факторите кои влијаат на биснисот и инвестиционата клима, како што е квалитетот на образованието, законите, даноците и регулативата, како и степенот до кој Владата доследно ги спроведува, независноста на судството и разположливоста на правниот систем – се соодветни предмети за јавна дискусија. Македонија се соочи со потешкотии во развивањето на робусна, конкурентна пазарна економија, која е добро интернационално интегрирана, при што подобрувањата во политичкиот дијалог со создавање подобри услови и поттикнувања за инвестирање и претприемништво, ќе водат директно кон поголем просперитет. А тоа е она што народот на Македонија го сака.
Здравата демократија не се базира на едногласност. Еден од тестовите на демократијата е способноста да се работи заедно за општо добро и покрај несогласувањето. За тоа станува збор во политичкиот и цивилниот дијалог. Критиката и истакнувањето на области во кои законите и процедурите можат да се подобрат, е форма на патриотизам, лојалност и посветеност. Кога сите граѓани имаат можност да разговараат за проблемите и решенијата, тоа помага во пронаоѓањето на најдобриот пат понатаму. За да биде ефективен, политичкиот дијалог мора да оди подлабоко од средби на политичките партии или дебати меѓу парламентарците и политичките експерти, иако сите тие се важни компоненти. Неопходно е активно граѓанско општество. Тоа вклучува слободни и независни медиуми, да овозможат информација за да негуваат одговорен дијалог.
САД се обидуваат да го охрабрат политичкиот и граѓанскиот дијалог преку нашите дипломатски и развојни напори. Во нашата интеракција со званичници, политички лидери, бизнис заедницата, граѓанските организации и граѓаните ние ги промовираме вредностите и придобивките од демократските процеси. Така, нашата помош и програми на размена имаат цел да го охрабрат тоа на низа различни начини, од негување на услови и средини во кои луѓето можат нивните идеи отворено, до поддршка со која се овозможува функционирањето на фундаменталните институции на демократијата. Ќе дадам неколку примери.
За да се промовира граѓанскиот дијалог, нашите програми имаат цел да приближат луѓе кои инаку не би биле во можност да комуницираат и разменат идеи – да изградат разбирање и доверба кои подоцна ќе им дозволат да навлезат во политичка или граѓанска дебата. Ова го правиме во интеретнички спортски кампови за млади – каде се развиваат пријателството и разбирањето над етничките линии. Нашата студиска програма Бен Френклин ги приближува македонските средношколците кои најмногу ветуваат да земат учество во размената во Соединетите Држави заедно со други млади лидери од целиот свет. На неодамнешното повторно собирање на студентите на Бен Френклин, ентузијастичките поздрави и искрената возбуда од повторната средба прерасна во прилично жешка, но и учтива дебата за религиозното образование во јавните училишта, за да заврши со нов консензус за тоа што младите студенти сметаат дека е најдобриот начин да се оди напред – инкорпорирајќи ги идеите и грижите на секој од нив. Тоа е охрабрувачки и покажува дека луѓето во Македонија можат да се обединат за да изградат врски и да се зафатат со комплексните предизвици. Тоа исто покажува дека има потреба македонските институции – училиштата, владите, граѓанските организации – да сторат повеќе во оваа област.
Ние организираме студиски патувања за млади и за искусни професионалци на различни теми како меѓурелигиски дијалог, градење конструктивна политичка дебата и јакнење на локалната управа. Работиме на зајакнување на капацитетот на активни, независни и одговорни организации на граѓанското општество да ги претставуваат граѓанските интереси и да ги мониторираат владините одлуки и активности. Информациите и конструктивната критика од овие организации можат да бидат многу вредни за владините институции кои постојат и кои се основани за да им служат на граѓаните на Македонија.
Уште два примери. За време на минатогодишните локални избори, ние помогнавме да се создадат можности за отворени дискусии и дебати меѓу кандидатите. Амбасадорот Рикер во низа последователни наврати посети многу општини пред изборите, истакнувајќи дека кандидатите кои не се избрани, сé уште имаат голема улога во своите заедници. Исто така, имаме голем број програми за да му помогнеме на македонскиот парламент да развие практики како што се јавните расправи, легислативни ревизии, истражувања, комитетски операции и – основата на она што тие се предодредени да го прават – да ја зголемат својата способност за претставување на граѓанските интереси во легислативниот процес.
Верувам дека оваа делумна листа го прикажува размерот на американската поддршка за политичкиот и граѓанскиот дијалог во Македонија, често во партнерство или паралелно со другите претставници на меѓународната заедница.
Како и да е, има потреба да се препознае потребата дека политичкиот дијалог е нешто што граѓаните на Македонија мора да го направат самите. Пријателите и поддржувачите можат да обезбедат експертиза и совети, но не можеме да го направиме тоа за вас. Конечно, останува на народот овде да процени колку добро политичкиот дијалог функционира, да ги адресира и разреши предизвиците и потешкотиите со кои Македонија се соочува и да преземе одговорност за својата земја. Како и во било која демократија, останува на македонските граѓани да проговорат и да се ангажираат меѓусебно кога ќе наидат на области кои треба да се подобрат. Македонија ќе напредува или ќе се бори, зависно од тоа колку ефикасно граѓаните и нивните лидери работат заедно на заедничките проблеми. Ефикасниот дијалог е неопходен во наоѓањето разумни решенија и позитивно делување.
(Томас Навратил е поранешен Заменик шеф на мисија, Амбасада на САД)
No comments:
Post a Comment