Sunday, March 20, 2011

Кочо Андоновски: ЛИНЧ



Со Законот за заштита од дискриминацијата власта практично испрати порака за линч на оние што не мислат „како што треба“
Бидејќи сум активист ќе се обидам пластично да опишам како се случува политичкиот дијалог во Република Македонија, посебно во оној сектор во кој јас сум активен, односно во граѓанскиот сектор, во корелација со политичките структури.
Пред една година, значи во март минатата година една група студенти на Факултетот по архитектура сакаше да направи протест против изградбата на црква на плоштадот во центарот на Скопје. Тие имаа свои професионални, еснафски забелешки околу урбанистичките и градежните решенија на самиот проект. Побараа помош, па неколку активисти се собравме и им дадовме поддршка. Излеговме со нив затоа што и ние имавме свои забелешки околу целиот проект. Сметавме дека во општество како Македонија, проекти што промовираат исклучивост ќе бидат штетни и ќе предизвикаат контроверзи и тензии. Тоа, всушност, беше наша понуда за дијалог во општестовото. Одговорот на оваа понуда беше жесток. Ние бевме нападнати од повеќе од илјада луѓе кои дојдоа на плоштадот во Скопје. На повикот за дијалог, беше објавен јавен повик да бидеме нападнати. Претходнта вечер ваков повик беше јавно објавен во електронски медиуми, по блогови... Јас прв пат доживеав такво нешто, таков вид на дијалог, луѓето што не нападнаа беа со запенети усти, ме гледаа со омраза и викаа: „педери, атеисти, ќе ве убиеме“. Среќа што напаѓачите не беа од Скопје, односно што ги донесоа со автобуси од други градови, па не можеа да не бркаат додека бегавме по скопските улици.
Овој говор на омраза, овој вид на дијалог што се случи на таканаречениот „Плоштад Слобода“ сакам да го надоврзам со Законот за заштита од дискриминација, процес во кој сум вклучен веќе пет години, од времето кога ниту една политичка партија немаше политичка волја да се донесе ваков закон. Со текот на годините и ние како активисти учевме околу целиот процес, околу законот, околу механизмите, околу се, а исто така верувам, се надевам и политичките структури. Конечно дојде денот за визна либерализација и владата одлучи дека треба да се донесе овој закон. И ние бевме вклучени. Направивме, не совршен, туку еден убав предлог, кој беше основа за преговори и за доработување. Тој предлог Владата го искористи во Брисел во преговорите за добивање на визна либерализација. Визната либерализација се доби и после тоа наеднаш влегува во Собрание еден сосема друг предлог, кој сите ние како учесници во процесот дотогаш ниту го видовме, ниту можеме да го поддржиме. За ова да помине, Владата пушти две димни бомби: првата беше сексуалната ориентација, втората беше хомосексуалниот брак и посвојувањето на деца. Во двата случаи се зема една маргинализирана група, целосно се стигматизира, се поставува како главен виновник и се доведува во ризик за насилство врз неа, заради тоа што пораката е: ние сексуалната ориентација нема да ја вклучиме, значи ние овие луѓе нема да ги заштитиме. Сега секој кој е или може да биде перцепиран како геј по улиците во Македонија, може во секој момент да е нападнат, затоа што пораката која граѓаните ја слушнаа е: ние тоа не го ставаме во закон, и не ги штитиме овие луѓе. Тоа е исто така дел од политичката култура и дијалог во Македонија.
Ако се земе предвид дека со Законот се заштитува за верската определба, односно не се зема предвид и не се заштитува атеизмот, и ако ова се поврзе со настаните од минатата година, кога не нарекуваа „педери и атеисти“, како и со фактот дека ваквите етикетирања и деновиве се актуелизираат, некако коцките се поврзуваат и почнува да личи на стигматизација, виктимизација и вадење под сноп на светло на луѓе кои се критичка мисла во Македонија. Тоа, всушност, е една лекција и за другите кои ќе се осмелат да не мислат „како што треба“.
Во меѓувреме во Законот за работни односи се укинаа квотите за ноќна смена, а и самиот закон цело време се менува. Условите за работниците се влошуваат, синдикатите се доведуваат во невозможна ситуација да функционираат... Ако знаеме дека од синдикатите и од работните односи започнува принципот на човекови права, сето ова добива некаква смисла. За жал јас ја гледам политичката култура како герилска, а политичкиот дијалог како рововски. Никако да излеземе од рововите, да си подадеме рака и да кажеме нешто што навистина го мислиме.   
(Кочо Андоновски е активист за човекови права)

No comments:

Post a Comment