Sunday, March 20, 2011

Ерван Фуере: КАВГАТА НЕ Е ЗАМЕНА ЗА ДИЈАЛОГОТ

Со прифаќањето на предизвикот за дијалог, актуелната Влада ќе се збогати со слободно мислење и ќе создаде многу попозитивна атмосфера за консензус меѓу сите политички партии и сите чинители во општеството
Решенија - Конференција за политичка култура и дијалог, Цивил 2010
Мојата задача е многу едноставна, зашто не сакам да повторувам многу од ставовите што во текот на минатите години беа искажувани за нагласување на важноста на прашањето политичкиот дијалог. Навистина сметам дека организаторите направија голема работа со покренувањето на оваа иницијатива што ги собра најважните општествени чинители, зашто таа, сигурен сум, ќе помогне уште еднаш да се истакне  важноста на дијалогот за било која демократија, особено за демократии кои се соочуваат со некои решавачки историски моменти и предизвици, како што е македонската ситуација. Оваа земја има пред себе витални приоритети што се од пресудно значење за иднината на земјата. Тоа се настојувањата за прием во НАТО и ЕУ, а за остварувањето на овие цели неопходно е многу високо ниво на политички дијалог за да се осигура успех.
Политичкиот дијалог мора да биде дел од нормалниот демократски процес. Ако погледнете примери на демократии, било од ЕУ или надвор од неа, како и во пост-конфликтните општества, дијалогот е единствениот начин да се оди напред, односно било која земја да ги постигне своите цели за политичка стабилност и економски и социјален развој. Овој дијалог мора да биде не само на ниво на лидери, туку и на сите други нивоа: на ниво на цивилно општество, на ниво на социјалните партнери, на бизнис-заедницата  и други базични нивоа, како што е она, можеби најважното – на нивото на граѓаните. Но, се разбира, лидерите мораат да бидат пример. Ако нема политички дијалог на ниво на лидери, тоа автоматски создава тешка и навистина конфронтирачка атмофера на другите нивоа.
Каква е ситуацијата во македонскиот контекст? Секако, како што извештајот на Европската Комисија за напредок од минатиот октомври истакна, видовме значаен напредок во смисла на политички дијалог во Парламентот, каде што има редовни средби на партиските координатори, што пак овозможува полесно и поефикасно работење на Парламентот. Исто така,  сега гледаме и пораст на бројот на јавни расправи, каде што организациите на цивилното општество се поканети да дадат свои видувања и мислења. Се надеваме дека оваа практика ќе продолжи.  
Но, се уште сме соочени со дефицит на дијалогот на политичко ниво. Никој не може да го оспори фактот дека лидерите на политичките партии не се среќаваат редовно. Ако се сеќавате, а во јануари тоа го реков и на Комитетот за надворешни работи при Европскиот Парламент, ручекот што го организирав за сите лидери на политичките партии, вкучувајќи го и премиерот, беше нивната прва заедничка средба од претходниот јули. Веруваме дека вистинските средби меѓу партиските лидери не треба да се одвиваат само во кризни времиња, туку тоа треба да е вообичаен дел од демократскиот процес. Ако оваа пракса стане дел од демократскиот процес, тогаш веднаш се значително намалува конфронтирачката атмосфера во општеството воопшто. Зашто, ако општеството гледа дека лидерите даваат пример со средби, со дискусии..., и ако тие, се разбира, не се согласуваат за некои прашања, но барем се сретнуваат и имаат редовни дискусии за различни теми, тоа секако помага да се создаде попозитивна атмосфера на другите нивоа и помага да се осигура ниво на дијалог кое  навистина ќе промовира многу поотворен однос меѓу политичките фактори, партиите, организациите на цивилното општество итн. За жал, она што моментално го гледаме е дијалог што се случува меѓу политичките лидери, но не директно, туку преку медиумите каде што взаемно се обвинуваат. Тоа не е здрав знак на функционална демократија.
Затоа, нашиот апел е дека дијалогот треба да се интензивира помеѓу политичките лидери и треба да се гледа како дел од нормалниот демократски процес. На тој начин се создава многу попозитивна средина, погодна за градење консензус, a, како што споменав на почетокот, за да се постигнат историски цели, консензусот помеѓу политичките партии е пресуден.
Ако го погледнете примерот со Словенија, кога таа се подготвуваше за прием во ЕУ, имаше консензус меѓу партиите. Мојата земја, Ирска, исто така, пред да се  приклучи во 1973, имаше консензус меѓу сите партии по прашањето како заедно можеме да ја постигнеме целта за ЕУ интеграција.
Сосема е јасно дека Македонија има пред себе некои пресудни алтернативи во однос на реформите, во однос на постигнување на целта за ЕУ-интеграција и во однос на прашањето за името. Најдобар начин да се реши ова е да се направи обид да се најде заедничка основа меѓу сите политички партии. И се разбира, примерот мора да дојде од лидерите. И колку лидерите имаат повеќе моќ, одговорноста да се предводи преку пример е поголема. Затоа, ако имаме политички дијалог на ниво на лидери, тогаш на ниво на организации на цивилното општество тоа ќе се случи како природна последица на создадениот попозитивен амбиен. На овој начин ќе се избегне она што го видовме неодамна: критицизам, заплашување, дури и доведување во прашање на интегритетот на организациите на цивилното општество кои ја работат својата работа како и сите други.
Навистина е важно сите сектори од општеството да гледаат на конструктивната критика како на знак за здрава демократија. Независно дали доаѓа од бизнис-заедницата, цивилното општество или медиумите, се разбира, обврска на Владата е да ја слуша, па дури и да ја прифаќа таквата критика. Тоа секако повеќе е знак на храброст отколку на слабост.
За жал, понекогаш гледаме примери кога критичарите веднаш се сметаат за државни непријатели. Ова е жално, зашто повторно придонесува за конфронтирачката атмосфера. А таа не е потребна, бидејќи со прифаќањето на предизвикот за дијалог, актуелната Влада ќе се збогати со слободно мислење и ќе создаде многу попозитивна атмосфера за консензус меѓу сите политички партии и сите чинители во општеството. Овде имаме одлични можности за тоа, тука е Националниот совет за европска интеграција, кој e создаден токму затоа, да ги претставува сите сектори на општеството и да го промовира духот на консензус.
Затоа, мојата скромна порака е навистина да се нагласат предностите на отворениот дијалог во воспоставувањето на духот на консензусот. Тоа го имам видено многу пати: во Јужна Африка, во мојата земја Ирска, во Латинска Америка исто така, каде што единствениот начин да се решат тешкте ситуации помеѓу политичките партии е преку дијалог. И како што Нелсон Мандела често велеше: ако сакаш да го најдеш духот на консензусот, мораш да научиш да преговараш со своите политички опоненти. Не преговараш само со своите пријатели. Преговараш со своите противници со цел да се најде компромис и да се постигне дух на консензус, кој ќе ја понесе државата напред за на најдобар можен начин да се постигнат за евроатланските интеграции. И како што велам, ова навистина ќе биде win-win ситуација за сите на кои се однесува.
(Н.Е. Ерван Фуере е Специјален претставник на ЕУ и Шеф на Делегацијата на Европската Унија во РМ)

No comments:

Post a Comment